Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 2:19-30

Филипјаните 2:19-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ако Му е тоа по волја на Господ Исус, се надевам дека набрзо ќе можам да го пратам кај вас Тимотеј, та кога ќе се врати да ме израдува со вести за вас, зашто немам друг истомисленик што толку искрено се грижи за вас. Сите други работат за своја корист, а не за делото на Исус Христос. Но, тој се има докажано како карактерен човек. Се сеќавате како работевме заедно на ширењето на Радосната вест: како татко и син. Се надевам дека ќе можам да го испратам веднаш штом дознаам каква судбина ми се подготвува, а се надевам дека Господ ќе ми овозможи наскоро и јас да дојдам кај вас. Во меѓувреме, сметав дека е потребно да ви го пратам нашиот брат Епафродит, со кој заедно работевме и се боревме, откако вие ми го испративте да ми помага во разни потреби. Тој одвај чека да ве види, копнее да се врати дома, зашто му падна тешко што сте разбрале дека беше болен. Навистина беше смртно болен, но Бог му се смилува. И не само нему, туку и мене ми се смилува, за да не ми дојде тага врз тага. Брзам да го испратам, за да го видите и да му се нарадувате, па и јас да не бидам толку загрижен за вас. Затоа, пречекајте го со радост, како брат во Господ. Таквите како него треба многу да ги цените, зашто работејќи за Христос, тој животот си го доведе во опасност и речиси умре, за да ми помогне и да ми го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене, бидејќи сте далеку.

Филипјаните 2:19-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот. Всушност, немам ниту еден исто­мисленик, кој толку искрено би се гри­жел за вас. Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос; а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето. Него, пак, се надевам дека ќе го ис­пратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене; а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас. Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој со­трудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, бидејќи тој копнееше да ве види си­те вас и многу жалеше што сте чуле де­ка бил болен. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само не­го, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. Примете го, пак, во Господ со се­каква радост, и такви почитувајте, бидејќи за Христовото дело тој бе­ше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недости­гот на вашата служба кон мене.

Филипјаните 2:19-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Се надевам во Господа Исуса дека ќе ви го испратам скоро Тимотеј, та и јас да се утешам кога ќе научам како сте вие. Зашто немам никого, кој е со иста душа како него, кој толку искрено ќе се грижи за вас, зашто сите други го бараат своето, а не она што е на Христа Исуса. Вие ја знаете неговата докажана верност, дека - како дете на таткото - со мене служеше во ширењето на Евангелието. Така, се надевам дека ќе го испратам него, веднаш штом ќе разберам што ќе стане со мене. А се надевам во Господа дека и јас самиот скоро ќе дојдам. Сметав пак за потребно да ви го испратам Епафродит, својот брат и соработник и соборец - а ваш пратеник, кој ѝ служи на мојата потреба; зашто копнееше по сите вас и беше нажален зашто сте чуле дека бил болен. Навистина беше болен близу до смртта, но Бог му се смилува, и не само нему, туку и мене, за да не ми дојде жал врз жал. Затоа го испратив поскоро, да се зарадувате пак кога ќе го видите, и јас да бидам помалку нажален. И така, примете го во Господа со секаква радост и почитувајте ги таквите, зашто заради Христовото дело се најде близу до смртта, излагајќи го својот живот на опасност, за да го надомести, тоа што вие не можевте да ми услужите.