Неемија 5:1-12
Неемија 5:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Се крена голем врисок од луѓето и нивните жени, против Јудејците, браќата нивни. Имаше едни, кои велеа: „Ние, синовите наши и ќерките наши сме многу; и ние би сакале да си набавиме жито, да се храниме и да живееме.“ Имаше и такви, кои велеа: „Ги заложуваме нивите свои, лозјата свои и куќите свои за да си набавиме жито при овој глад.“ Имаше и такви, кои велеа: „Ние позајмуваме сребро за царскиот данок за нивите и лозјата свои; ние имаме исти тела, какви што се телата на браќата наши, и синовите ни се такви, какви што се нивните синови, а ете, ние сме должни да ги даваме синовите свои и ќерките свои за слуги, а, пак некои наши ќерки веќе се наоѓаат во ропство. Нема никакви средства за откуп во рацете наши; и нивите наши и лозјата наши се во рацете на големците.“ Кога го слушнав нивното лелекање и тие зборови, многу се јадосав. Срцето мое се возбуди, и јас строго ги прекорив првенците и војводите, велејќи им: „Вие земате лихва од браќата свои.“ И свикав против нив голем собир, па им реков: „Ние, според силите свои, ги откупуваме браќата свои Јудејци, продадени на народите, а вие ги продавате браќата свои, и тие ни се продаваат нам?“ Тие молчеа и не знаеја што да одговорат. Тогаш реков: „Не е добро тоа што го правите. Нели треба да одите во страв пред нашиот Бог за да го одбегнете потсмевот на народите, нашите непријатели? И јас и браќата мои и оние што служат кај мене им даваме на заем и сребро и жито: да им го простиме тој долг. Вратете им ги уште денес нивните ниви, лозјата нивни и маслиновите градини нивни, и куќите нивни, и лихвата од среброто, житото, виното и маслото што сте го зеле од нив.“ А тие одговорија: „Ќе го вратиме и нема ништо да бараме од нив; ќе направиме така, како што велиш.“ Тогаш ги повикав свештениците и им заповедав да се заколнат дека ќе направат така.
Неемија 5:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Се крена голема викотница меѓу мажите и жените против нивните браќа Евреите. Едни велеа: „Ги заложуваме своите синови и ќерки, за да можеме да набавиме пченица та да јадеме и да живееме.“ Други велеа: „Ги заложуваме своите полиња, своите лозја и своите куќи, за да можеме да набавиме пченица за време на гладот.“ Други пак велеа: „Треба да земеме пари за нашите полиња и лозја, за да можеме да ги исплатиме царските даноци. Нашето тело е како телото на нашите браќа, нашите синови како и нивните, а ние треба да ги продаваме во ропство своите синови и ќерки; некои меѓу нашите ќерки веќе се робинки! А ние не можеме ништо, зашто нашите ниви и лозја ги држат други.“ Се налутив многу кога ја чув нивната викотница и тие зборови. Откако размислив во себе, ги укорив благородниците и првенците со зборовите: „Вие им наметнувате товар на своите браќа!“ И свикав голем собир против нив! И реков: „Ние, колку што можевме, ги откупивме своите јудејски браќа, кои им беа продадени на многубошците. А сега вие ги продавате своите браќа, за да ги откупиме!“ Сите молчеа и никој не одговори. Продолжив: „Не е добро тоа што го правите. Не треба ли да одите во стравот на нашиот Бог, за да се отстраниме така од потсмевот на непријателските народи? И јас, и моите браќа, и моите момоци им дававме сребреници и жито. Но долгот им го простивме. Вратете им ги и вие уште денес нивните ниви, лозја, маслиновите градини и нивните куќи, и простете им го стотиот дел во сребреници, во жито, во вино, во масло, што им го наметнавте“. А тие одговорија: „Ќе вратиме; не ќе бараме ништо од нив. Ќе направиме како што рече“. Тогаш ги повикав свештениците и им наредив да се заколнат дека ќе направат како што ветија.