Неемија 1:1-6
Неемија 1:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зборовите на Неемија, синот на Хахалија. Во месецот кислев, во дванаесеттата година, кога јас бев во престолниот град Суза, дојде Ананија, еден од моите браќа, – тој и неколку мажи од Јудеја. И јас ги прашав за спасените Јудејци што го избегнаа ропството, и за Ерусалим. А тие ми рекоа: „Оние што останаа незаробени, се наоѓаат таму, во земјата своја, и се во голема неволја и понижување; а ѕидовите на Ерусалим се урнати, и портите негови – со оган изгорени.“ Кога ги чув тие зборови, седнав и заплакав и бев нажален неколку дена, постев и се молев пред Бога небесен, и реков: „Господи, Боже небесен, Боже величествен и страшен, Кој го пазиш заветот и милоста кон оние што Те сакаат и постапуваат според Твоите заповеди! Ушите Твои нека бидат внимателни и очите Твои отворени за да ја чујат молитвата на Твојот слуга, со која сега се молам дење и ноќе пред Тебе за синовите Израелови, слугите Твои, и се исповедувам за гревовите на синовите Израелови, со кои згрешивме пред Тебе; згрешивме – јас и домот на мојот татко.
Неемија 1:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зборови на Неемија, Ахалиевиот син. Во месецот Хаслев, во дваесеттата година, кога бев во столичниот град Шуша, дојде Ананиј, еден од моите браќа, со некои луѓе од Јудеја. Јас ги прашав за Евреите - за Остатокот, што се спаси од пленство, и за Ерусалим. Тие ми одговорија: „Остатокот, оние, кои што останаа во земјата по пленувањето, се во голема неволја и срам. Ерусалимскиот ѕид е разурнат сиот, а вратите му се изгорени со оган“. Кога ги чув тие зборови, седнав и заплакав. Тажев повеќе денови, постев и се молев пред небескиот Бог. И реков: „О Господи, небески Боже, велики и страшни Боже, Кој го пазиш Заветот и наклоноста кон оние, кои Те љубат и ги пазат Твоите заповеди! Твоето уво нека биде внимателно и Твоите очи отворени, за да ја чуеш молитвата на Својот слуга. Ти се молам сега, дење и ноќе, за Израелевите синови, Твои слуги, и ги исповедам гревовите на Израелевите синови, што ги направивме против Тебе; согрешивме: јас и куќата на мојот татко!