Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 4:10-20

Марко 4:10-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за параболата. И им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ ќе им се кажува во параболи, за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; зашто се плашат да не се обратат некогаш, па да им се простат гревовите.“ И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи? Сејачот го сее словото. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сата­ната и им го грабе словото, посеано во срцата нивни. Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат, но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соб­лазнуваат. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото, но грижите за овој век, примам­ли­во­то богатство и други желби, кои, кога ќе се вселат во нив, го задушуваат сло­вото и тоа останува бесплодно. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.“

Марко 4:10-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби. Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби, бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости.“ Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите. Тоа што сејачот го сее е Божјата порака. Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето. Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат. Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат. Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“

Марко 4:10-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога остана Сам, Го прашаа за параболата оние, кои беа околу Него со Дванаесетмината. И им рече: „Вам ви е дадена тајната на Божјото Царство, а на оние кои се надвор, сѐ биднува во параболи, за ‘гледајќи да гледаат и да не видат; и слушајќи да слушаат, а да не разбираат, за да не се покајат и да не им биде простено’.“ И им рече: „Не ја разбирате ли оваа приказна? А како ќе ги разберете сите параболи! Сејачот сее слово. Оние, покрај патот, каде се сее словото, се оние кај кои - кога ќе го чујат - веднаш доаѓа сатаната и го грабнува словото, посеано во нив. Исто, посеани врз каменлива почва се оние, кои - штом го чујат словото - го примаат со радост, но немаат во себе корен, туку се непостојани, и кога ќе дојде неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат. А другите, што се посеани во трње, тоа се оние, кои го чуле словото, но светските грижи, и измамливоста на богатството, и желбите за други работи, кога ќе влезат го загушуваат словото, и останува без плод. А посеаните на добра земја се оние, кои го слушаат словото, го примаат и донесуваат плод: еден триесет, и еден шеесет, и еден сто.