Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 2:1-28

Марко 2:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По неколку дена, Тој пак дојде во Ка­пернаум; и се чу дека е в куќи. Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Тој им го објавуваше Словото. И дојдоа кај Него со еден фатен, кого го носеа четворица; па, бидејќи не можеа да се прибли­жат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој и ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“ Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои: „Што хули Овој на Бога? Кој друг може да простува гревови, освен еди­ниот Бог?“ Исус, веднаш штом дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им ре­че: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои? Што е полесно да му кажам на фатениот: ‚ти се простуваат гре­во­ви­те‘, или да речам: ‚дигни се, земи ја пос­телката своја и оди‘? Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт на земјата да ги простува гревовите“ – му рече на фатениот – „Тебе ти велам: стани, земи ја пос­телката своја и оди си дома!“ И тој стана веднаш, па, штом ја зеде постелката, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бо­га, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“ И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше. И кога одеше, го виде Левиј Ал­фе­ев, кој седеше во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ Тој стана и тргна по Него. А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу цариници и грешници; зашто тие беа мно­зи­на и врвеа по Него. Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со цариници и грешници, им рекоа на учениците Не­го­ви: „Зошто Тој со цариници и грешници јаде и пие?“ Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните. Не сум дошол да ги по­ви­кам праведниците, туку грешниците (на покајание).“ Учениците на Јован и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: „Зошто учениците Јованови и на фари­се­ите постат, а Твоите ученици не постат?“ Исус им рече: „Зар можат свато­ви­те да постат кога младоженецот е со нив!? Додека е со нив младоженецот, тие не можат да постат; но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат. Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем. Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расце­пи мевовите и виното ќе истече, а ме­во­вите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.“ И Му се случи во саботен ден да ми­нува преку нивјето, и врвејќи, уче­ни­ците Негови почнаа да кинат класје. А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?“ Но Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога ог­ладне тој и оние, што беа со него? Како влезе во храмот Божји, во вре­мето на првосвештеникот Авијатар, ги изеде приставените лебови од жрт­ве­ни­кот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него!“ Потоа продолжи: „Саботата е соз­да­дена за човекот, а не човекот за саботата. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“

Марко 2:1-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака. Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек. Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“ Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог! Кој може да простува гревови освен Бог!?“ Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“ Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше. Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус. Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус. Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“ Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“ Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“ Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив? Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат. Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка! Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“ Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња. Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“ Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа? Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“ Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата! Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“

Марко 2:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум; се чу дека е во куќа. И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го проповедаше Сло-вото. И дојдоа при Него носејќи фатен, кого го носеа четворица. И како не можеа да го донесат до Него, заради народот, го открија покривот над местото каде што беше, и го пробија и ја спуштија постелата, на која лежеше фатениот. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите.“ А некои од книжниците седеа таму и размислуваа во своите срца: “Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да опростува гревови, освен Еден Бог?“ И Исус веднаш штом созна со Својот дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: „Зошто размислувате така во своите срца? Што е полесно да му се рече на фатениот: ‘Ти се опростуваат гревовите,’ или да му се рече: ‘Стани и земи ја својата постела, и оди!’ Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот: “Тебе ти зборувам - стани, подигни ја својата постела и оди си дома!“ И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!“ И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше. И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него. И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги има-ше мнозина, и врвеа по Него. А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?“ А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.“ Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа и Му рекоа: „Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?“ Исус им рече: „Можат ли сватовите да постат додека е младоженецот со нив? Додека го имаат со себе младоженецот, не можат да постат. Но, ќе дојдат дни кога ќе им го грабнат младоженецот од нив; и тогаш - во тој ден - ќе постат. Никој не пришива крпа од ново сукно врз стара облека. Инаку, закрпата го кине од неа новото од старото, и скинатото ќе биде полошо. И никој не налева ново вино во стари мевови; инаку новото вино ќе ги скине мевовите, па ќе пропаднат и виното и мевовите. Туку, ново вино - во нови мевови!“ А кога во сабота одеше низ посевите, Неговите ученици почнаа да прават пат, кинејќи класје. И фарисеите Му рекоа: „Гледај! Зошто го прават во сабота тоа што не е дозволено?“ Им рече: „Зар никогаш не сте читале, што направи Давид кога беше во неволја и кога огладне тој и оние, кои беа со него? Како влезе во Божјиот дом, во времето на прво-свештеникот Авијатар, и ги изеде поставените лебови, кои никој не смее да ги јаде, освен свеште-ниците; и им даде на оние, кои беа со него!“ И им рече: „Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата. Така, Човечкиот Син е Господар и на саботата.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност