Марко 2
2
1По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома.
2Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака.
3Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус.
4Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек.
5Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“
6Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат:
7„Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог! Кој може да простува гревови освен Бог!?“
8Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли?
9Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома?
10Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот:
11„Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
12Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“
13Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше.
14Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус.
15Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус.
16Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“
17Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“
18Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“
19Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив?
20Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.
21Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка!
22Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“
23Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња.
24Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“
25Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа?
26Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“
27Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата!
28Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“
Селектирано:
Марко 2: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.