Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 2:1-17

Марко 2:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака. Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек. Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“ Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог! Кој може да простува гревови освен Бог!?“ Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“ Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше. Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус. Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус. Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“ Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“

Марко 2:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По неколку дена, Тој пак дојде во Ка­пернаум; и се чу дека е в куќи. Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Тој им го објавуваше Словото. И дојдоа кај Него со еден фатен, кого го носеа четворица; па, бидејќи не можеа да се прибли­жат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој и ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“ Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои: „Што хули Овој на Бога? Кој друг може да простува гревови, освен еди­ниот Бог?“ Исус, веднаш штом дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им ре­че: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои? Што е полесно да му кажам на фатениот: ‚ти се простуваат гре­во­ви­те‘, или да речам: ‚дигни се, земи ја пос­телката своја и оди‘? Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт на земјата да ги простува гревовите“ – му рече на фатениот – „Тебе ти велам: стани, земи ја пос­телката своја и оди си дома!“ И тој стана веднаш, па, штом ја зеде постелката, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бо­га, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“ И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше. И кога одеше, го виде Левиј Ал­фе­ев, кој седеше во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ Тој стана и тргна по Него. А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу цариници и грешници; зашто тие беа мно­зи­на и врвеа по Него. Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со цариници и грешници, им рекоа на учениците Не­го­ви: „Зошто Тој со цариници и грешници јаде и пие?“ Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните. Не сум дошол да ги по­ви­кам праведниците, туку грешниците (на покајание).“

Марко 2:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум; се чу дека е во куќа. И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го проповедаше Сло-вото. И дојдоа при Него носејќи фатен, кого го носеа четворица. И како не можеа да го донесат до Него, заради народот, го открија покривот над местото каде што беше, и го пробија и ја спуштија постелата, на која лежеше фатениот. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите.“ А некои од книжниците седеа таму и размислуваа во своите срца: “Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да опростува гревови, освен Еден Бог?“ И Исус веднаш штом созна со Својот дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: „Зошто размислувате така во своите срца? Што е полесно да му се рече на фатениот: ‘Ти се опростуваат гревовите,’ или да му се рече: ‘Стани и земи ја својата постела, и оди!’ Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот: “Тебе ти зборувам - стани, подигни ја својата постела и оди си дома!“ И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!“ И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше. И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него. И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги има-ше мнозина, и врвеа по Него. А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?“ А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.“