Марко 14:33-41
Марко 14:33-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован; се замисли и почна да тагува, па им рече: „Душата Ми е до смрт нажалена; останете тука и бидете будни!“ И штом се оддалечи малку, се фрли на земја и се молеше, за да Го одмине овој час, ако е можно; и велеше: „Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; сепак не како Јас што сакам, туку како Ти!“ Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден? Бидете будни и молете се да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови. А кога се врати, ги најде пак како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат. И по третпат дојде и им рече: „Само спиете и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.
Марко 14:33-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован. Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања. Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“ Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва. Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат. Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници.
Марко 14:33-41 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ги зеде со Себе: Петра, Јакова и Јована, се натажи, и почна длабоко да се вознемирува. И им рече: „Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!“ И отиде малку подалеку, падна на земја и се молеше, - ако е можно - да Го одмине тој час, и велеше: „Ава, Татко! Сѐ е можно за Тебе. Отстрани ја од Мене оваа чаша! Но не како Јас што сакам, туку како Ти!“ И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час! Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.“ И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва. Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат. И дојде по третпат и им рече: „Сѐ уште спиете и почи-вате!“ Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во гре-шнички раце.