Марко 14:12-25
Марко 14:12-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“ И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“ И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој дојде со дванаесетте. И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“ Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“ А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата. Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“ И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“
Марко 14:12-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него. Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘ Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“ Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици. За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“ Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“ Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене! Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“ За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“ Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него. Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина. Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“
Марко 14:12-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Него-вите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?“ И испра-ти двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?“ И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!“ И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата. А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината. И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.“ Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: „Да не сум јас?“ А друг: „Дали јас?“ А Тој им рече: „Еден од Дванаесетмината, кој макнува со Мене во чинијата. Човечкиот Син си оди, како што е напишано за Него; но горко му на тој човек, преку кого Човеч-киот Син ќе биде предаден. Подобро би му било на тој човек, да не се родил.“ И кога јадеа, зеде леб, благослови, го раскрши, им раздаде и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и сите пиеја од неа. И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина. Вистина ви велам: нема веќе да пијам од лозовиот плод до оној ден, кога ќе пијам нов во Божјото Царство.“