Марко 12:13-17
Марко 12:13-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа испратија кај Исус некои од фарисеите и од иродовците за да Го фатат да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. Доаѓајќи кај Него, му Го рекоа следново: „Учителе! Знаеме дека си чесен, дека не си пристрастен спрема никого и дека на луѓето им ја кажуваш вистината за Божјиот пат. Кажи ни, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“ Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“ Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“
Марко 12:13-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А пратија кај Него некои од фарисеите и од Иродовците, за да Го фатат на збор. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“ А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“ И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На царот.“ Тогаш Исус им одговори и рече: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се чудеа.
Марко 12:13-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат во збор. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето, туку според вистината учиш за Божјиот пат. Дали е дозволено да се даде данок на царот или не е? Да даваме ли или да не даваме?“ А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете ми денариј да го видам!“ А тие Му донесоа. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Тие пак рекоа: „На царот.“ Исус им рече: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.“ И Му се чудеа.