Матеј 9:1-7
Матеј 9:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Човекот стана и оздравен си отиде дома.
Матеј 9:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Тој влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град. И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“ Тогаш некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохулствува!“ А Исус ги разбра нивните мисли, и им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!?‘ Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома.
Матеј 9:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.“ И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.“ И стана и си отиде дома.