Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 8:1-17

Матеј 8:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус слезе од ридот, голема толпа народ одеше по Него. Тогаш, еден човек заболен од лепра Му се приближи, клекна на колена и рече: „Господе, ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“ Исус ја испружи својата рака, го допре и му рече: „Сакам, оздрави!“ Во истиот миг, човекот беше излекуван од лепрата. Тогаш, Исус му рече: „Не кажувај никому, туку оди веднаш на преглед кај свештеникот, а потоа принеси дар како што е пропишано според Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“ Кога Исус влезе во градот Кафарнаум, го пресретна еден римски офицер и почна да го моли, со следниве зборови: „Господе, мојот слуга лежи дома парализиран и со силни болки.“ Исус му одговори: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ Но офицерот Му рече: „Господе, јас не сум достоен Ти да влезеш во мојот дом! Туку, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ и тој го извршува.“ Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера! И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство! А многу од Израелците, кои би требало да се наследници на тоа царство, ќе бидат исфрлени во најцрна темнина, каде што ќе пискаат и ќе крцкаат со заби.“ Потоа, Исус му се обрати на римскиот офицер: „Оди си и нека ти биде според твојата вера!“ Во истиот миг оздраве слугата на офицерот. Потоа Исус отиде во куќата на Својот ученик Петар и таму ја најде тештата на Петар која лежеше болна, со треска. Тој ђ ја допре раката и треската ђ помина; таа веднаш стана и Го послужи. Вечерта, кај Исус доведуваа голем број луѓе обземени со демонски духови, а Тој само со збор ги истеруваше демоните и ги исцелуваше сите болни. Со тоа се исполнуваше претскажаното од пророкот Исаија: „Тој ни исцели од нашите болки и ни оздраве од нашите болести“

Матеј 8:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога се симна од гората, по Него врвеше многу народ. И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Гос­поди, ако сакаш, можеш да ме очис­тиш.“ А Исус кога ја подаде раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата. И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи им се на свеш­тениците и принеси дар, како што за­по­ве­дал Мојсеј, ним за сведоштво.“ А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: „Господи, слугата мој лежи дома фа­тен и многу страда.“ Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го из­лекувам.“ А стотникот одговори и рече: „Гос­поди, не сум достоен да влезеш под мо­јот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“ Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на тр­пеза со Авраам, Исак и Јаков во цар­ството небесно, а наследниците на царството ќе би­дат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве. Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска, и се допре до раката нејзина, и трес­ката ѝ помина; таа стана и им служеше. А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина обземени од демони, и Тој со еден збор ги изгони духовите и ги из­ле­кува сите болни, за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој врз Се­бе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“

Матеј 8:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога слезе од гората, големо мноштво Го следеше. И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ Тогаш Исус ја испружи својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди очистен!“ И веднаш се очисти неговата лепра. И Исус му рече: „Гледај, никому да не му кажеш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот, што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“ А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше, велејќи: “Господи, мојот слуга лежи фатен дома и многу се мачи.“ Исус му рече: „Јас ќе дојдам и ќе го исцелам.“ А стотникот во одговор му рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; туку кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен. Зашто исто и јас сум подвластен човек, и имам војници под себе; му кажувам на едниот: ‘Оди!’ и тој оди; и на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и тој прави. А кога Исус го чу тоа се зачуди и им рече на оние, кои Го следеа: „Вистина ви велам, во никого во Израел не најдов толкава вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе седнат со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно; а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, каде ќе биде плач и чкртање на заби.“ И Исус му рече на стотникот: „Оди си, нека ти биде, како што си верувал.“ И неговиот слуга оздраве во истиот час. И кога Исус дојде во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска. Ја допре раката нејзина, и треската ја оста-ви, и таа стана и им служеше. А кога настапи вечер, Му доведоа многу опфатени од демони. Тој со збор ги истера духовите и ги исцели сите болни. За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите слабости и ги понесе нашите болести.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност