Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 6:1-18

Матеј 6:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Пазете се од искажување побожност и добрина со цел да се покажете пред луѓето, зашто тогаш не ќе имате награда од вашиот небесен Татко. А кога давате милостини, не трубете насекаде, како што тоа го прават лицемерите по синагогите и по улиците. Тие го прават тоа за да бидат пофалени од луѓето. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната; нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“ „А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно. Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост. Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив. Затоа, молете се вака: ,Татко наш, Кој си на небесата: нека се почитува Твоето Име! Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото. Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден. Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави ни од Лукавиот‘. (Зашто Тебе Ти припаѓаат и Царството, и силата, и славата, за вечни векови, амин.) Зашто, доколку вие им ги простувате гревовите на другите, ќе ви ги прости и вам вашиот небесен Татко. Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“ „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето, за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “

Матеј 6:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостина не разгласувај, како што прават лицеме­рите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“ „И кога се молиш, не биди како ли­цемерите, кои сакаат да стојат по синагогите и крстопатите за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата на­града. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затво­риш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно). Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го по­молите. Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, ка­ко што и ние им ги проштеваме на на­шите должници; и не воведувај нѐ во искушение, но из­бави нѐ од лукавиот, (зашто Твое е цар­ството, и силата, и славата во сите ве­ко­ви. Амин!). Бидејќи, ако им ги простите на лу­ѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гре­во­вите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“ „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви ве­лам дека тие веќе ја добиле својата на­г­рада. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“

Матеј 6:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Внимавајте да не ја вршите својата правда пред луѓето, за да ве видат тие; инаку немате награда од вашиот Татко, Кој е во небесата. И така, кога правиш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да бидат славени од луѓето. Вистина ви велам, ја имат својата награда. А ти, кога правиш милостина, нека не ти знае левицата, што ти прави десницата, за да биде твојата милостина во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“ “И кога се молите, не бидете како лицемерите, кои сакаат да се молат стоејќи по синагогите и на аглите од улиците, за да ги видат луѓето; вистина ви велам, ја имат својата награда. А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“ “А кога се молите, не употребувајте напразни повторувања како народите; зашто мислат дека ќе бидат послушани, заради многуте зборови. И така, не бидете како нив, зашто вашиот Татко знае што ви е потребно, уште пред да Го помолите. Туку молете се вака: „Татко наш, Кој си во небесата, да се свети Твоето име; да дојде Твоето царство, да биде Твојата волја, како во небото, така и на земјата; нашиот насушен леб, дај ни го денес; и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштаваме на нашите должници; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот. Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин!“ “Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам. Ако вие не им ги простите на луѓето нивните пре-стапи, ни вашиот Татко нема да ви ги прости вашите.“ “А кога постите, не бидете тажни како лицемерите; зашто си ги помрачуваат лицата, за да ги видат луѓето дека постат; вистина ви велам, ја имат својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја својата глава и измиј го своето лице, за да не те видат луѓето дека постиш, но твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“