„Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостина не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“
„И кога се молиш, не биди како лицемерите, кои сакаат да стојат по синагогите и крстопатите за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата награда. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно). Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го помолите.
Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, (зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!). Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“
„Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“