Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 5:27-48

Матеј 5:27-48 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано: ,Не врши прељуба!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“ „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова: ,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена, нека ђ даде потврда за развод‘. Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“ „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘ Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок!? И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“

Матеј 5:27-48 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе из­вршил прељуба со неа во срцето свое. Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, от­колку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“ „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘ А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“ „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘ Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји; ниту во земјата, зашто таа е под­ножје на нозете Негови; ниту во Еру­са­лим, зашто е град на великиот Цар. Не колни се ни во главата своја, за­што не можеш ниту едно влакно од ко­сата своја да направиш бело или цр­но. Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“ „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по дес­ниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и на­метката. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“ „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го неприја­те­лот.‘ А јас, пак, ви велам: љубете ги не­пријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат, за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Сво­ето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните. Зашто, ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците? И, ако ги поздравувате само бра­ќа­та свои, што особено правите? Не пос­та­пуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени како што е со­вршен вашиот Отец небесен.“

Матеј 5:27-48 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’ А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот. “Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.’ А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.“ “Уште сте чуле, дека им било речено на старите: ‘Не нарушувај ја клетвата, а исполнувај ги пред Господа своите клетви.’ А Јас ви велам: не колнете се никако; ниту во небото, зашто е Божји престол; ниту во земјата, зашто е подно-жје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на вели-киот Цар. Не ќе се колниш ни во својата глава, зашто не можеш ниедно влакно да го направиш бело или црно! Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“ “Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.“ “Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните. Зашто ако ги љу-бите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто? И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено? Зар не го прават истото и цариниците? И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност