Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 5:27-48

Maтеј 5:27-48 MNT

„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано: ,Не врши прељуба!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“ „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова: ,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена, нека ђ даде потврда за развод‘. Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“ „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘ Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок!? И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“