Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 27:27-44

Матеј 27:27-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници. Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка. Исплетоа венец од трње и Му го ставија на главата, а во десната рака Му ставија една трска. Потоа паѓаа пред Него на колена и Му се подбиваа, велејќи Му: „Здраво, еврејски царе!“ Го плукаа и со трската Го удираа по главата. Откако доволно се изнашегуваа со Исус, Му ја симнаа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата горна облека. Потоа Го поведоа на распнување. По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус. Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“. Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие. Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта. Потоа седнаа и стражареа околу Него. Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“ Заедно со Него распнаа и двајца злосторници: едниот оддесно, другиот одлево на Исус. Минувачите покрај крстот Го навредуваа Исуса, вртејќи со главите и извикувајќи: „Ти, што тврдеше дека ќе ни го разурнеш храмот и за три дена повторно ќе го подигнеш, спаси се сега! Ако си Ти Божјиот Син, ајде симни се од крстот!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме! На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“ На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници.

Матеј 27:27-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа ба­греница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување. На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ Тогаш распнаа со Него и двајца раз­бојници; едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Се­бе­си! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“ Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Ју­деј­ски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го из­ба­ви сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.

Матеј 27:27-44 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!“ И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат. А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.“ И седеа и Го пазеа таму. И Му ставија над Неговата глава натпис за Него-вата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.“ Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!“ Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: “Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!“ А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него.