Лого на YouVersion
Икона за пребарување

МАТЕЈ 27:27-44

МАТЕЈ 27:27-44 MKB

Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!“ И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат. А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.“ И седеа и Го пазеа таму. И Му ставија над Неговата глава натпис за Него-вата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.“ Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!“ Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: “Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!“ А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него.