Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 26:57-68

Матеј 26:57-68 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите и старешините. А Петар оддалеку Го следеше, си до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова. Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него, но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија. Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“ Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“ Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата Божјиот Син?“ Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам: ,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам на почесната, десна страна на Семоќниот, и како доаѓам на небесните облаци.‘“ На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство! Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“ Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“

Матеј 26:57-68 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А оние што Го фатија Исус, Го од­ведоа кај првосвештеникот Кајафа, ка­де што беа собрани книжниците и ста­ре­шините. Петар, пак, одеше по Него одда­ле­ку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот. А првосвештениците и ста­ре­ши­ни­те, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“ Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“ Но Исус молчеше. А првос­веш­те­никот Му рече: „Те заколнувам во жи­виот Бог да ни кажеш: Ти ли си Хрис­тос, Синот Божји?“ Исус му одговори: „Ти рече! Ви ве­лам отсега ќе Го гледате Синот Човеч­ки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“ Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење! Како ви се чини?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“ Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го тепаа и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“

Матеј 26:57-68 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книж-ниците и старешините. А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот. А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведо-штво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа, иако дојдоа многу лажни сведоци. Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’“ Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“ А Исус молчеше. Прво-свештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?“ Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“ Тогаш прво-свештеникот ја раскина својата облека и рече: „Го хули Бога! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата? Што мислите?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“ То-гаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници, а други му удираа плесници, говорејќи: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност