Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 26:57-68

Maтеј 26:57-68 MNT

Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите и старешините. А Петар оддалеку Го следеше, си до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова. Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него, но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија. Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“ Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“ Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата Божјиот Син?“ Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам: ,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам на почесната, десна страна на Семоќниот, и како доаѓам на небесните облаци.‘“ На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство! Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“ Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“