Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 26:36-56

Матеј 26:36-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“ Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“ Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва. Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“ Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини. Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак. Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна. Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија. Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине! Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии од ангели да ни заштитат? Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“ Потоа Исус ђ се обрати на толпата: „Што сте излегле против Мене со мечеви и стапови, како да Сум разбојник!? Зошто не Ме уапсивте во храмот каде што секојдневно седев и поучував?. Но, сето ова се случува вака за да се исполнат запишаните претскажувања на пророците.“ Тогаш сите Негови ученици Го оставија и се разбегаа.

Матеј 26:36-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“ И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува. Тогаш Исус им рече: „Смртно е на­жалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“ Оддалечувајќи се малку, падна нич­кум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа ча­ша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“ Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ Повторно отиде и се помоли, гово­рејќи: „Оче Мој, ако не може да ме од­мине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“ Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале. Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите збо­рови. Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците. Станете да одиме! Ете, се прибли­жува оној што Ме предава.“ Додека Тој уште говореше, ете, Ју­да, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, ис­пра­тени од страна на првосвештениците и старешините народни. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“ И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна. А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, по­ло­жи­ја раце на Исус и Го фатија. И ете, еден од оние што беа до Ис­ус, протегна рака и извади нож, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото. Тогаш Исус му рече: „Врати го но­жот во ножницата. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ Потоа Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со но­жеви и колови за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте. Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките писма.“ Тогаш сите уче­ни­ци Го оставија и се разбегаа.

Матеј 26:36-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.“ И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!“ И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!“ И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час? Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!“ Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.“ И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови. Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Чове-чкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците. Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.“ И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини. А Него-виот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!“ И веднаш се приближи до Исуса и Го целива. А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија. И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат. Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели? Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?“ Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте. А ова сѐ се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност