Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 21:1-17

Матеј 21:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога наближија до Ерусалим и дој­доа до Витфагија, кај Мас­ли­новата Гора, Исус испрати двајца уче­ници и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете вр­зана магарица и младо магаре со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А ако некој ви рече нешто, кажете му дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.“ А сето тоа стана за да се исполни ка­жаното преку пророкот, кој вели: „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот цар доаѓа кај тебе кроток, качен на магарица со младо магаре.“ Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус. Ги дотераа магарицата и младото магаре и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Тој седна над нив. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, се­чеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; а народот што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Си­нот Давидов! Благословен е Тој што до­аѓа во името Господово! Осана на висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот народ збунето прашуваше: „Кој е овој?“ А народот одговараше: „Овој е Ис­ус, пророкот од Назарет галилејски.“ И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на ме­ну­ва­чи­те и столовите на оние што продаваа гу­лаби, и им рече: „Напишано е: ‚Домот Мој нека биде дом за молитва‘, а вие го направивте како разбојничка пештера.“ И дојдоа кај Него во храмот слепи и куци, и Тој ги излекува. А првосвештениците и книж­ни­ци­те, гледајќи ги чудесните дела што ги направи Тој, и слушајќи ги децата како викаат во храмот и велат: „Осана на Да­видовиот Син!“, се разгневија, и му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на но­во­ро­денчињата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба?‘“ И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќи.

Матеј 21:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Пристигнувајќи во близина на Ерусалим, дојдоа во градот Бетфага, на Маслиновата Гора, од каде што Исус испрати двајца од Своите ученици, порачувајќи им вака: „Отидете во селото пред вас; таму веднаш ќе најдете врзана магарица со нејзиното младо магаренце. Одврзете ги и доведете Ми ги овде. Ако некој нешто ви приговори, кажете му дека му се потребни на Господарот и тој веднаш ќе ги пушти.“ Ова се случуваше за да се исполни претскажаното од пророкот Захарија: „Порачајте му на Ерусалим: Еве Го, иде Твојот цар, понизно јавајќи на магарица и на магаренце -рожбата на магарицата.“ Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус: ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси ни сега, Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси ни сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“ Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“ А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“ Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби, и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол: ,Мојот храм нека биде место за молитва.‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“ Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше. Но свештеничките поглавари и вероучителите се разгневија кога ги видоа чудата што Исус ги правеше и радосните извици на децата во храмот кои извикуваа: „Спаси ни сега, Давидов Сине!“ И Му рекоа: „Слушаш ли што извикуваат децата!?“ А Исус им одговори: „Да! Зар во Псалмите не сте го читале ова: ,Усните на малите деца и на доенчињата ќе Ти оддаваат слава, Господе!?‘“ Тогаш Исус ги остави и излегувајќи од градот дојде во Бетанија, каде што и ноќеваше.

Матеј 21:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Вит-фагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати два ученика, велејќи: “Отидете во селото што е пред вас! Таму ќе најдете веднаш врзана ослица и осле со неа. Од-врзете ги и доведете Ми ги! И ако некој ви рече нешто, речете му: ‘Потребни Му се на Господа’, и веднаш ќе ги пушти. А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели: “Кажете ѝ на Сионската Ќерка: Еве, твојот Цар доаѓа при тебе, кроток и јава на ослица и осле - младенче на ослица!“ Учениците отидоа и направија, како што им заповеда Исус. Ги дотераа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Тој седна над нив. Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот. А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благо-словен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?“ А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.“ И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби, и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.“ И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува. А кога првосвештениците и книжниците ги видоа чудесата што ги направи, и децата, кои викаа во Храмот: „Осана на Давидовиот Син!“, се налутија и Му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат овие?“ А Исус им рече: „Да, зар не сте читале никогаш: ‘Од устата на децата и доилчињата, Си приготви пофалба?’“ И ги остави и излезе од градот во Витанија и преноќева таму.