А кога наближија до Ерусалим и дојдоа до Витфагија, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца ученици и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана магарица и младо магаре со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А ако некој ви рече нешто, кажете му дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.“ А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот цар доаѓа кај тебе кроток, качен на магарица со младо магаре.“ Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус. Ги дотераа магарицата и младото магаре и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Тој седна над нив. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; а народот што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Осана на висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот народ збунето прашуваше: „Кој е овој?“ А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет галилејски.“
И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби, и им рече: „Напишано е: ‚Домот Мој нека биде дом за молитва‘, а вие го направивте како разбојничка пештера.“ И дојдоа кај Него во храмот слепи и куци, и Тој ги излекува. А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесните дела што ги направи Тој, и слушајќи ги децата како викаат во храмот и велат: „Осана на Давидовиот Син!“, се разгневија, и му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на новороденчињата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба?‘“ И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќи.