Матеј 20:17-34
Матеј 20:17-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Одејќи кон Ерусалим, Исус ги тргна настрана дванаесеттемина и додека чекореа по патот, им рече: „Еве, на пат сме кон Ерусалим; таму Јас, Синот Човечки, ќе им бидам предаден на свештеничките поглавари и на вероучителите. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните да Ми се подбиваат, да Ме камшикуваат и да Ме распнат. Но на третиот ден Јас ќе воскреснам.“ Тогаш кај Исус дојде мајката на Завдаевите синови, заедно со своите двајца синови, Јаков и Јован, клекна пред Него и Го замоли за една услуга. „Што сакаш?“ ја праша Исус. „Дај им на моиве два сина почесни места од Твојата десна и лева страна во Твоето царство“ Му рече таа. Исус им се обрати на двајцата нејзини синови и им рече: „Не знаете што барате. Ќе можете ли да пиете од чашата на Моите страдања, од која Јас ќе пијам?“ А тие Му одговорија: „Ќе можеме!“ „Добро, и вие ќе пиете од Мојата чаша им одоговори Исус но Јас не можам да одредам кој ќе седи од Мојата десна страна, а кој од левата. Тие места им припаѓаат на оние за кои ги определил Мојот небесен Татко.“ Кога преостанатите десет ученици разбраа за ова, им се налутија на двајцата браќа. Тогаш Исус ги повика кај Себе сите заедно и им рече: „Знаете дека владетелите на овој свет владеат сурово над луѓето. Но, меѓу вас не треба да биде така. Напротив, ако некој сака да биде водач меѓу вас нека им служи на сите. Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга како што Јас, Синот Човечки, не дојдов за да Ми служат, туку Јас да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина.“ На излегување од градот Јерихо, голема толпа народ врвеше по Исус и Неговите ученици. Покрај патот седеа двајца слепи и штом слушнаа дека Исус минува оттаму почнаа да викаат на сиот глас: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“ Народот се обидуваше да ги замолкне, но тие уште погласно викаа: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“ Исус застана, ги повика кај Себе и ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“ „Да прогледаме, Господе!“ му одговорија тие. Исус се сожали и им ги допре очите и тие наеднаш прогледаа и тргнаа по Него.
Матеј 20:17-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече: „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“ Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто. А Тој ѝ рече: „Што бараш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“ Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“ И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е подготвено од Мојот Отец.“ И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа. Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“ И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ. И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“ Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“ И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.
Матеј 20:17-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетми-ната насамо и им рече патем: “Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде преда-ден на првосвештениците и книж-ниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе им Го предадат на многу-бошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.“ Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него. А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Му одговори: „За-поведај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!“ А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.“ Му рекоа: „Мо-жеме.“ Им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не го давам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.“ И кога го чуја тоа десетмината, се налутија на двата брата. А Исус ги повика и рече: „Знаете дека владетелите на народите господарат над нив и дека големците ги угнетуваат. Нека не биде така меѓу вас! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга! И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга; како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.“ А кога излегуваа од Ерихон, големо множество тргна по Него. И ете, двајца слепи, седејќи покрај патот, чуја дека Исус минува, и извикаа велејќи: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!“ А множеството им се закани да замолчат, а тие извикаа уште посилно: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!“ И Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да направам за вас?“ Му рекоа: „Господи, да ни се отворат очите!“ И Исус им се смили и им ги допре очите; и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.“