И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече: „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“
Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто. А Тој ѝ рече: „Што бараш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“ Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“ И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е подготвено од Мојот Отец.“ И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа. Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“
И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ. И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“ Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“ Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“ И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.