Матеј 19:23-30
Матеј 19:23-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство. Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“ Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“ Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Ете, ние оставивме си и станавме Твои следбеници. Што ќе добиеме за возврат?“ Исус им рече: „Ве уверувам вас, коишто станавте Мои следбеници, дека во новиот свет, кога Јас, Синот Човечки, ќе седнам на Својот славен престол, вие ќе седнете на дванаесет престоли и ќе владеете над дванаесетте Израелски племиња. А секој од вас што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Мене ќе добие стопати повеќе, а ќе наследи и вечен живот. Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“
Матеј 19:23-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“ Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“ Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе одиме: што ќе стане, со нас?“ А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израелови колена; и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“
Матеј 19:23-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат мачно ќе влезе во небесното царство!“ И пак ви велам: „Полесно ѝ е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото Царство.“ Кога учени-ците го чуја тоа се зачудија мошне и рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?“ Исус ги погледна и им рече: „На луѓето ова им е невозможно, но за Бога сѐ е возможно.“ Тогаш Петар одговори и Му рече: „Еве, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе; и така, ние што ќе имаме?“ А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие - кои тргнавте по Мене, во преродбата - кога Човечкиот Син ќе седне на престолот на Својата слава, и сами ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелеви племиња. И секој, кој заради Моето име ќе остави: куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, ќе прими стократно и ќе наследи вечен живот. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“