Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 19:1-15

Матеј 19:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Откако го доврши ова излагање, Исус си замина од Галилеја и дојде на јудејска територија, од спротивната страна на реката Јордан. Голема толпа народ одеше по Него и Тој ги исцелуваше болните. Некои од фарисеите Му пријдоа на Исус и, сакајќи да Му постават замка, го прашаа: „Дали е во согласност со верскиот Закон мажот да има право да се разведе од својата жена за каква и да е причина?“ Исус им одговори: „Зар не сте читале во Светото Писмо дека на почетокот Творецот создаде маж и жена, и дека тогаш Тој рече: ,При стапување во брак, човекот ќе се одвои од својот татко и од својата мајка и ќе се присоедини кон својата жена и двајцата ќе станат едно тело?‘ Според тоа, тие не се повеќе двајца, туку еден. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак!“ На ова, тие Го прашаа: „Тогаш, зошто Мојсеј издаде уредба според која мажот може да ја отпушти својата жена ако ђ даде потврда за развод?“ А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така. Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“ Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“ А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами. Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе, а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење нека го прифати.“ Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа, на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“ Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.

Матеј 19:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога ги заврши Исус тие збо­рови, тргна од Галилеја и прис­тиг­на во пределите јудејски, отаде Јордан. По Него појде многу народ и Тој ги исцели таму. И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: „Може ли чо­век да ја остави жената своја за каква и да било причина?“ Тој им одговори и рече: „Не ли сте читале, дека Оној што ги создаде во по­четокот, маж и жена ги создаде, и рече: ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе би­дат обата едно тело.‘ Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува.“ Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно пис­мо и да ја напушти?“ Тој им одговори: „Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така. Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја ос­тави својата жена, освен заради прељуба, и се ожени со друга, тој извршува прељуба; и оној, што ќе се ожени со на­пуштена, исто така прељубодејствува.“ А учениците Негови Му рекоа: „Ако е таква должноста на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени!“ Но Тој рече: „Секој не може да го прифати ова учење, туку само оние на кои им е дадено; зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите себе се скопиле заради цар­с­твото небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“ Тогаш кај Него доведоа деца, за да ги положи рацете над нив и да се по­мо­ли, а учениците им забрануваа. Но Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“ И откако ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму.

Матеј 19:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога Исус ги заврши тие зборови, отиде од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан. И големо множе-ство тргна по Него, а Тој ги оздрави таму. И фарисеите Му пристапија, Го искушуваа и рекоа: „Дали смее човек да ја остави својата жена по секаква причина?“ А Тој одговори и рече: „Зар не сте читале дека Оној, Кој ги создаде во почеток, ги создаде машко и женско, и рече: ‘Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, и обата ќе бидат едно тело?’ Така што не се веќе двајца, туку едно тело. И така што Бог соединил, човекот да не разделува!“ И Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ се даде разводно писмо на жената и да се остави?“ Им рече: „Заради вашето закоравено срце, Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така. Туку ви велам: „Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељубодејство - и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба.“ Учениците Му рекоа: „Ако е тоа причината меѓу мажот и жената, подобро да не се жени.“ А Тој им рече: „Сите не можат да ги сфатат тие зборови, туку оние, на кои им е дадено. Зашто има скопци, кои се родени така од мајчината утроба, и има скопци, кои се скопени од луѓе, и има скопци, кои самите се скопиле заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими!“ Тогаш доведоа дечиња при Него, за да ги положи рацете над нив и да се помоли; но учениците ги укорија. А Исус рече: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.“ И ги положи рацете на нив, и си отиде оттаму.