Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 19:1-15

Maтеј 19:1-15 MNT

Откако го доврши ова излагање, Исус си замина од Галилеја и дојде на јудејска територија, од спротивната страна на реката Јордан. Голема толпа народ одеше по Него и Тој ги исцелуваше болните. Некои од фарисеите Му пријдоа на Исус и, сакајќи да Му постават замка, го прашаа: „Дали е во согласност со верскиот Закон мажот да има право да се разведе од својата жена за каква и да е причина?“ Исус им одговори: „Зар не сте читале во Светото Писмо дека на почетокот Творецот создаде маж и жена, и дека тогаш Тој рече: ,При стапување во брак, човекот ќе се одвои од својот татко и од својата мајка и ќе се присоедини кон својата жена и двајцата ќе станат едно тело?‘ Според тоа, тие не се повеќе двајца, туку еден. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак!“ На ова, тие Го прашаа: „Тогаш, зошто Мојсеј издаде уредба според која мажот може да ја отпушти својата жена ако ђ даде потврда за развод?“ А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така. Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“ Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“ А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами. Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе, а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење нека го прифати.“ Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа, на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“ Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.