Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 18:15-35

Матеј 18:15-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша повторно си го придобил како свој ближен. Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци. Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок.“ „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата. Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни. Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“ Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“ А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум! Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари. Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти. Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со си што поседуваа, па така да си го наплати долгот. Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ На царот му падна жал и го пушти, отпишувајќи му го долгот. Но кога овој слуга излезе, сретна еден од своите другари кој му должеше сто денарии, па го фати за гуша и почна да го дави, викајќи му: „Врати ми го долгот!“ Тогаш неговиот другар клекна и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ Но овој не сакаше, туку го фрли в затвор додека не му го врати долгот. Кога другите слуги видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа кај царот и му го кажаа сето ова. Тогаш царот го повика оној слуга и му рече: „Колку си лош! Кога ти ме молеше, јас ти го простив целиот долг. Не требаше ли да му се смилуваш на твојот другар како што јас ти се смилував!?“ Царот беше толку лут, што го фрли овој слуга в затвор, додека не му го врати целиот долг. Така ќе постапи со вас и Мојот небесен Татко, доколку од срце не си простувате едни на други.“

Матеј 18:15-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се по­тврди секој збор; ако, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја по­слуша, тогаш нека ти биде тој како нез­набожец и цариник.“ „Вистина ви велам: сѐ што ќе св­р­зе­те на земјата, ќе биде сврзано и на не­бо­то; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе би­де разврзано и на небото. Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мо­јот Отец небесен; зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас сре­де нив.“ Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му прос­там на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по се­дум.“ „Затоа царството небесно прилега на царот кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа кај него еден што му дол­же­ше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да пла­ти, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше, за да наплати. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се поклонуваше говорејќи: ‚Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘ А господарот на тој слуга се смилува, го пушти и му го прости долгот. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто денарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‚Врати ми го долгот!‘ Тогаш неговиот другар падна нич­кум пред нозете негови, го молеше и ве­леше: ‚Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го ис­пла­ти долгот. Другарите, пак, негови, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: ‚Зол слуго, јас ти го простив це­лиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?‘ И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг. Така и Мојот Отец небесен ќе пос­тапи со вас, ако секој од вас не му прос­ти од срце на брата си.“

Матеј 18:15-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него. Ако те послуша, си го придобил брата си. Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор. А ако не ги послуша нив, кажи ѝ на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како народите и како цариникот. Вистина ви велам, што и да сврзете на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзете на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.“ “Пак, ви велам: ако двајца од вас се согла-сат на земјата околу било која работа каква и да посакат, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е во небесата. Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.“ Тогаш Петар пристапи и Му рече: „Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? До седумпати ли?“ Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесетпати по седум.“ Затоа царството небесно е слично на некојси цар, кој сакал да ги среди сметките со своите слуги. А кога почна да ги расчистува, при него беше доведен еден, кој му должеше десет илјади таланти. И бидејќи немаше да ги врати, господарот заповеда да го продадат него, неговата жена и децата, и сѐ што имаше, за да се плати долгот. Тогаш слугата падна и му се поклонуваше, велејќи: ‘Господаре, имај трпение кон мене и ќе ти исплатам сѐ.’ И потти-кнат со сожалување, господарот на оној слуга, го пушти, и му го прости долгот. Но штом слугата излезе, и најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто денарии, го фати, и го давеше, велејќи: ‘Исплати ми, тоа што ми должиш.’ Тогаш падна пред неговите нозе неговиот сослу-жител и го молеше, велејќи: ‘Имај трпение со мене, и ќе ти исплатам сѐ.’ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека го исплати долгот. А кога неговите сослужители видоа што се случи, мошне многу се нажалија, и дојдоа и му кажаа на својот господар сѐ што се случи. Тогаш неговиот господар го повика и му рече: ‘Зол слуго! Ти го простив сиот оној долг, зашто ме молеше. Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилив тебе?’ И неговиот господар се разгневи и им го пре-даде на мачителите, додека му исплати сѐ што му должеше. Така и Мојот небесен Татко ќе ви направи вам, ако секој од вас не му ги прости од срце престапите на својот брат.“