Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 18:15-35

Maтеј 18:15-35 MNT

„Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша повторно си го придобил како свој ближен. Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци. Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок.“ „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата. Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни. Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“ Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“ А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум! Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари. Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти. Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со си што поседуваа, па така да си го наплати долгот. Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ На царот му падна жал и го пушти, отпишувајќи му го долгот. Но кога овој слуга излезе, сретна еден од своите другари кој му должеше сто денарии, па го фати за гуша и почна да го дави, викајќи му: „Врати ми го долгот!“ Тогаш неговиот другар клекна и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ Но овој не сакаше, туку го фрли в затвор додека не му го врати долгот. Кога другите слуги видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа кај царот и му го кажаа сето ова. Тогаш царот го повика оној слуга и му рече: „Колку си лош! Кога ти ме молеше, јас ти го простив целиот долг. Не требаше ли да му се смилуваш на твојот другар како што јас ти се смилував!?“ Царот беше толку лут, што го фрли овој слуга в затвор, додека не му го врати целиот долг. Така ќе постапи со вас и Мојот небесен Татко, доколку од срце не си простувате едни на други.“