Матеј 13:33-58
Матеј 13:33-58 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“ Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“ Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е овој свет; доброто семе – тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот. Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите. И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет. Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите причинители на гревот од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела, и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ „Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.“ „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“ „Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“ И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да, Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“ И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму. А штом дојде во Својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ? Нели е Овој син на дрводелецот? Мајка Му нели се вика Марија, и браќата Негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“ И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.“ И не направи таму многу чуда поради нивното неверие.
Матеј 13:33-58 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“ Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби. Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот: „Ќе им говорам преку споредби, ќе им ги објавам тајните што беа скриени од создавањето на светот.“ Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“ Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки. Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот. Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите. Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот. Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници; тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“ „Небесното царство може да се спореди со богатство скриено во нива. Човекот што ќе го пронајде повторно го закопува и сиот радосен оди и продава си што поседува и ја купува таа нива.“ „Понатаму, небесното царство може да се спореди со трговец што трага по најскапоцениот бисер; кога ќе го најде, тој оди и продава си што има и го купува.“ „Понатаму, небесното царство може да се спореди со голема рибарска мрежа што се фрла в море, при што зафаќа секаков вид риби. Кога мрежата ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, и добрите риби ги издвојуваат во кошеви, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и на крајот на светот: ќе излезат ангелите, ќе ги издвојат грешниците од праведниците, и ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.“ „Го разбравте ли сето ова?“ ги запраша Исус. „Да!“ Му одговорија тие. А Тој им рече: „Тогаш, секој вероучител којшто станал ученик на небесното царство може да се спореди со домаќин кој од своите ризници ќе може да извади и ново и старо.“ Штом Исус заврши со изложувањето на споредбите, си замина оттаму, и се врати во Назарет своето поранешно живеалиште, каде што го поучуваше народот по синагогите. Сите што Го слушаа се чудеа и говореа: „Каде се стекнал овој човек со олкава мудрост и моќ да прави чуда? Зар Тој не е синот на дрводелецот? Нели му е мајка Марија и нели му се браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? Нели се меѓу нас и сите Негови сестри? Каде ли се здобил овој човек со сето ова?“ Жителите на Назарет Го пречекаа со сомневања. Тогаш Исус им рече: „Пророкот останува без признание единствено во својот град и во своето семејство.“ И бидејќи Го дочекаа со недоверба, Тој не направи таму многу чуда.
Матеј 13:33-58 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.“ Сето ова Исус им го кажа на на-родот во параболи, и без парабола Тој не им говореше; за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.“ Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот, а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели. Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот. Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие, и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ “И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“ “И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери. А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има, и го купува.“ “И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија. Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните, и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.“ Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?“ Му рекоа: „Да Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.“ И се случи кога Исус ги сврши тие параболи, да замине оттаму. И штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивните синагоги, така што се зачудуваа и зборуваа: „Откаде Му се на Овој оваа мудрост и силни дела? Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? И Неговите сестри не се ли сите со нас? Откаде Му е тогаш на Овој сето тоа?“ И се соблазнуваа во Него. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата татковина и во својот дом.“ И не изврши таму многу силни дела, заради нивното неверување.