Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.“
Сето ова Исус им го кажа на на-родот во параболи, и без парабола Тој не им говореше; за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.“
Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот, а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели. Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот. Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие, и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!“
“И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“
“И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери. А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има, и го купува.“
“И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија. Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните, и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.“
Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?“ Му рекоа: „Да Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.“
И се случи кога Исус ги сврши тие параболи, да замине оттаму. И штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивните синагоги, така што се зачудуваа и зборуваа: „Откаде Му се на Овој оваа мудрост и силни дела? Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? И Неговите сестри не се ли сите со нас? Откаде Му е тогаш на Овој сето тоа?“ И се соблазнуваа во Него. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата татковина и во својот дом.“ И не изврши таму многу силни дела, заради нивното неверување.