Матеј 10:24-42
Матеј 10:24-42 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот. Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“ „Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Си што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена. Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите! Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот. Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко. А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се; вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ „Секој што ќе Ме признае Мене јавно пред луѓето, ќе го признаам и Јас јавно, пред Мојот небесен Татко. А секој што ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него, пред Мојот небесен Татко.“ „Немојте да мислите дека дојдов да воспоставам мир на Земјата! Не дојдов да донесам мир, туку меч! Зашто, Јас дојдов да противставам син против татко, ќерка против мајка и снаа против свекрва; на човекот ќе му произлезат непријатели од сопственото семејство!“ „Кој има поголема љубов спрема татка си или мајка си одошто спрема Мене, не е достоен да ми биде ученик; кој има поголема љубов спрема сина си или ќерка си одошто спрема Мене не е достоен да ми биде ученик. Секој што настојува грчовито да си го чува животот за себеси ќе го загуби; а оној што ќе го жртвува заради Мене пак ќе си го најде!“ „Кој ве угостува вас, Мене Ме угостува, а тој што Ме угостува Мене, Го угостува небесниот Татко што Ме има испратено. Секој што угостува божји пратеник затоа што е божји пратеник, ќе добие иста награда како и божјиот пратеник. И секој што угостува праведник затоа што е праведник, ќе добие иста награда како праведникот. Секој што ќе му даде макар само една чаша студена вода на еден од Моите најмали следбеници, затоа што е Мој следбеник, ве уверувам дека таквиот нема да остане без награда.“
Матеј 10:24-42 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар. Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“ „И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите! И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“ „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“ „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, повторно ќе си го најде.“ „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој ќе напои еден од овие најбезначајните само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“
Матеј 10:24-42 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
“Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни! Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае. Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите. И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеко-лот. Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко. А вам ви се изброени дури и влакната на главата. И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.“ “И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.“ “Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч. Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва, и непријатели на чове-кот ќе бидат неговите домашни. Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.“ “Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил. Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда. Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода, зашто е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.“