Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 10:24-42

Maтеј 10:24-42 MNT

Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот. Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“ „Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Си што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена. Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите! Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот. Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко. А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се; вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ „Секој што ќе Ме признае Мене јавно пред луѓето, ќе го признаам и Јас јавно, пред Мојот небесен Татко. А секој што ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него, пред Мојот небесен Татко.“ „Немојте да мислите дека дојдов да воспоставам мир на Земјата! Не дојдов да донесам мир, туку меч! Зашто, Јас дојдов да противставам син против татко, ќерка против мајка и снаа против свекрва; на човекот ќе му произлезат непријатели од сопственото семејство!“ „Кој има поголема љубов спрема татка си или мајка си одошто спрема Мене, не е достоен да ми биде ученик; кој има поголема љубов спрема сина си или ќерка си одошто спрема Мене не е достоен да ми биде ученик. Секој што настојува грчовито да си го чува животот за себеси ќе го загуби; а оној што ќе го жртвува заради Мене пак ќе си го најде!“ „Кој ве угостува вас, Мене Ме угостува, а тој што Ме угостува Мене, Го угостува небесниот Татко што Ме има испратено. Секој што угостува божји пратеник затоа што е божји пратеник, ќе добие иста награда како и божјиот пратеник. И секој што угостува праведник затоа што е праведник, ќе добие иста награда како праведникот. Секој што ќе му даде макар само една чаша студена вода на еден од Моите најмали следбеници, затоа што е Мој следбеник, ве уверувам дека таквиот нема да остане без награда.“