Лука 8:4-15
Лука 8:4-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба: „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“ Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“ „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“
Лука 8:4-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола: „Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ А учениците Негови Го прашаа, велејќи: „Што значи таа парабола?“ Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува со параболи, да гледаат, а сепак да не видат, и да слушаат, а сепак да не разберат! А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. Она што падна покрај патот, се оние кои слушаат, но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; а она на камен – се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенијата, тие се откажуваат; тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но откако ќе заминат, се гушат од грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод; а тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение.“ Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“
Лука 8:4-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Откако се собра големо множество и кога луѓе од сите градови дојдоа при Него, им рече во парабола: “Излезе сејач да сее свое семе. И додека сееше - едно падна покрај патот, и го изгазија и небесните птици го исколваа. Друго пак падна на камен, изникна и се исуши, зашто немаше влага. Друго падна меѓу трње и трњето - растејќи со него - го задушија. А друго падна на добра земја, изникна и донесе стократен плод.“ Кога го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша нека слуша!“ А Неговите ученици Го прашаа, што значи оваа парабола? Тој пак им рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Божјото Цар-ство; а на другите им се даваат во параболи, така што: гледајќи да не гледаат и слушајќи да не разбираат. А ова парабола значи: семето е Божјото Слово. Оние крај патот - тие чуле; потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од нивните срца, за да не поверуваат и да не се спасат. На камен се тие, кои - штом чујат - со радост го примаат Словото, но ни тие немаат корен; веруваат некое време, но отпаѓаат во време на искушенија. Паднатото меѓу трње, тоа се оние, кои слушале и кога си отидат ги задушуваат грижите, богатството и животните уживања, и не донесуваат зрел плод. А она на добрата земја - тоа се оние, кои ќе го чујат Словото, го чуваат во добро и чисто срце и донесуваат плод во трпение.“