Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 8:4-15

Лука 8:4-15 MNT

Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба: „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“ Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“ „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“