Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 24:1-53

Лука 24:1-53 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси. Но ја најдоа плочата иставена на гробот. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус. И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во свет­ли облеки; тие се уплашија од страв и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мрт­ви­те? Тој не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, додека беше уште во Га­лилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да вос­кресне.“ И се сетија на Неговите зборови. Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други. А тие беа Марија Магдалена, и Јоа­на, и Марија Јаковова заедно со друг­и­те. Тие им го кажаа тоа на апостолите. И нивните зборови им изгледаа ка­ко лага, и не им поверуваа. Но Петар стана и отиде бргу до гробот, па кога се наведна, го виде внатре само повојот. И се врати, чудејќи се сам во себе заради она што се случи­ло. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше од­далечено од Ерусалим шеесет стадии. И зборуваа меѓу себе за сите овие настани. И додека расправаа и разговараа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив; но очите им се замрежија за да не Го познаат. А Тој им рече: „Какви се тие збо­ро­ви што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“ Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“ И го праша: „Што?“ Тие Му одгово­рија: „Она што се случи со Исус од На­зарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; а ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израел; но и по­крај сето тоа, денес е веќе трет ден, от­како се случи ова. А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ан­ге­ли и дека им кажале дека е Тој жив. Отидоа на гробот и некои од на­шите и го најдоа истото она, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.“ Тогаш им рече: „О, безумни! Ср­це­то ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“ Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо. И тие се приближија до селото во кое одеа; а Тој се направи како да сака да продолжи. Но тие Го задржаа, велејќи: „Ос­та­ни со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“ Тој влезе и остана со нив. А кога седеше со нив на трпеза, зе­де леб, го благослови, го прекрши и им подаде. Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Зар не го­реа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Пис­мо­то?“ Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани Еди­на­есетте и оние кои беа со нив, каде што говореа дека Господ на­вис­тина воскреснал и му се јавил на Си­мон. И тие кажаа за она што им се случи по патот и како Го познаа, кога го пре­кршувал лебот. Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им ре­че: „Мир вам!“ А тие, така збунети и уплашени, помислија дека гледаат дух. Но Тој им рече: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Ме­не и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.“ А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“ Тие Му дадоа парче печена риба и мед со саќе. И кога зеде, јадеше пред нив. Па им рече: „Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, зашто треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.“ Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, и им рече: „Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден, и да биде проповедано во Негово име покајание и проштавање на гре­во­вите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим; а вие сте сведоци за ова. И ете, Јас ќе го испратам врз вас ве­тувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се об­ле­чете во сила одозгора.“ И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. И додека ги благословуваше, се од­дели од нив и се вознесе на небото; тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога.

Лука 24:1-53 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во неделата, уште во рани зори, жените дојдоа кај гробницата, носејќи ги мирисливите масла за премачкување на Исусовото тело, што самите ги беа приготвиле. Но ја најдоа гробницата отворена и гробната плоча иставена. Влегоа во гробницата, но таму го немаше телото на Господ Исус. Додека стоеја таму збунети, ненадејно пред нив се појавија двајца мажи во блескави облеки. Исплашени, жените се наведнаа кон земјата, кога тие им се обратија, велејќи им: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е овде! Воскресна! Сетете се што ви велеше уште додека беше во Галилеја: ,Синот Човечки ќе треба да биде предаден во рацете на грешници, кои ќе Го распнат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.‘ Тогаш жените се сетија дека Исус навистина им го кажа тоа. Кога се вратија од гробот, жените им го кажаа сето ова на единаесеттемина Исусови ученици и на сите други. Меѓу жените беа и Марија од Магдала и Јоана, и Марија - мајката на Јаков, и други жени кои им го кажаа тоа на апостолите, но апостолите ги сметаа нивните зборови за измислени и не им поверуваа. Сепак, Петар стана и со трчање се упати кон гробницата. Тој ѕирна внатре и не виде ништо друго освен платното во кое беше замотано телото на Исус. Потоа се врати дома, во голема недоумица за она што се случило. Истиот ден двајца од Исусовите ученици одеа кон селото Емаус, кое се наоѓаше на околу единаесет километри од Ерусалим. Двајцата разговараа меѓу себе за сето ова што се случуваше. Додека разговараа за сe што се случи и размислуваа, до нив се приближи Исус и зачекори заедно со нив, но нивните очи не Го препознаа. Вклучувајќи се во разговорот, Исус ги праша: „За што разговарате по пат?“ Тие застанаа како скаменети, со тажни изрази на лицата. Едниот од нив, кој се викаше Клеопас, му рече: „Ти мора да си единствениот од сите дојдени во Ерусалим кој не знае што се случува деновиве!“ Тој ги запраша: „За што станува збор?“ Тие Му одговорија: „За она што Му се случи на Исус од Назарет! Тој беше пророк и се докажа како силен на зборови и на дела, како пред Бога така и пред луѓето. Но нашите свештенички поглавари и управниците Го уапсија и Го предадоа за да биде осуден на смрт и потоа Го распнаа. А ние се надевавме дека Тој е Месијата што ќе го ослободи Израел! Еве, веќе е трет ден откако тоа се случи. Некои жени од нашата група нe збунија; тие биле на гробот, но таму Го немало Неговото тело! Кога се вратија, тие ни кажаа дека им се појавиле ангели кои им рекле дека Исус е жив. Некои од нашите другари исто така отидоа кај гробницата и го виделе истото што го кажаа и жените, но Него не Го виделе.“ Тогаш Исус им рече: „Ах, колку тешко сфаќате и колку ви е тешко да верувате во сето она што го говореа пророците! Зар не беше јасно претскажано дека Месијата ќе настрада, пред да влезе во Својата слава?“ Потоа Исус почна да им објаснува сe што е претскажано за Него, со цитати од Светото Писмо, почнувајќи од Мојсеевите книги, па сe до книгите на пророците. Кога се приближија до селото Емаус, кон кое беа тргнале, Исус се направи како да сака да си продолжи по патот, но тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот е веќе при крај и почнува да се стемнува.“ Така Тој влезе и остана со нив. Седејќи со нив на трпезата, Тој зеде леб, Му се заблагодари на Бог, па го раскрши и им го раздели. Тогаш очите им се отворија и тие Го познаа! Но во истиот миг Тој исчезна - стана невидлив за нивните очи! Тие си проговорија еден на друг: „Зар не ни се разгореа срцата уште по патот, кога Тој ни говореше и ни го објаснуваше Светото Писмо!?“ Тогаш тие веднаш станаа и се вратија во Ерусалим, каде што ги најдоа единаесеттемина ученици, собрани со своите пријатели, па им рекоа: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон Петар!“ Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот. Додека овие двајца им го раскажуваа тоа, меѓу нив се појави Исус, застана и ги поздрави, посакувајќи им мир. Присутните беа збунети и исплашени, па мислеа дека гледаат дух. Но Исус им рече: „Што сте се стаписале? Зошто ви се јавуваат сомнежи во мислите? Видете Ми ги рацете и нозете, па уверете се дека тоа Сум Јас. Допрете Ме и ќе се уверите, зашто духот нема ни месо ни коски, а гледате дека Јас имам!“ Кога го рече ова, Тој им ги покажа рацете и нозете. Од радост и од возбуда, тие не можеа да им веруваат на сопствените очи! Затоа, Исус им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“ Тие Му подадоа парче печена риба, и Тој ја изеде пред нивните очи. Потоа Исус им рече: „За ова ви зборував уште додека бев со вас, имено, сe што е претскажано за Мене во книгите на Мојсеевиот Закон, на пророците и во Псалмите, требаше да се исполни.“ Тогаш им ги просветли умовите за да им стане јасно Светото Писмо, и им рече: „Запишано е дека Месијата треба да настрада и да воскресне на третиот ден, дека во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи, почнувајќи од Ерусалим. Вие сте сведоци за тоа. Јас ќе ви го испратам Светиот Дух, Кој ви го вети Мојот небесен Татко, а вие останете во градот, сe додека Светиот Дух не слезе врз вас со сила од небото.“ Потоа Исус ги поведе надвор од градот, во близина на Бетанија, каде што ги подигна Своите раце и почна да ги благословува. Додека ги благословуваше, се подигаше над нив и се вознесе на небото. Тие Му се поклонија и многу радосни се вратија во Ерусалим, каде што целото време го минуваа во храмот, славејќи Го Бога.

Лука 24:1-53 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А во првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите, што ги приготвија. И го најдоа каменот одвален од гробот. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки. Бидејќи беа уплашени ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е тука! Воскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја; говорејќи: ‘дека Човечкиот Син треба да би-де предаден во рацете на греш-ниците и да биде распнат и да воскресне на третиот ден!’ И си ги спомнаа Неговите зборови. И кога се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на Единаесет-мината и на сите други. А тие беа: Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јакововата мајка, и други жени со нив; им го кажаа тоа на апостолите. А ним овие зборови им изгледаа како празна шега, и не им веруваа. А Петар стана и отрча до гробот се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, чудејќи се за она што се случило. И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим, и разговараа меѓу себе за сите овие настани. И додека тие разговараа и се запра-шуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив. Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат. И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?“ И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?“ И им рече: „Што?“ А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ: како нашите свештенички глава-тари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа, А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова. А нѐ збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот, и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив. Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.“ И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?“ И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо. И кога се приближија до селото, во кое одеа, Тој се направи како да сака да оди натаму. Но, тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто вечерта е близу, а денот веќе превали!“ И влезе да остане со нив. И додека беше прилегнат со нив покрај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде. Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; но Тој стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Не гореше ли срцето во нас, кога ни зборуваше патем и ни ги толкуваше Писмата?“ И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани Единаесетмината, и тие кои беа со нив, кои зборуваа: „Господ навис-тина воскресна; му се јавил на Симона!“ А тие пак раскажаа што се случило патем и како Го препознаа при раскршувањето на лебот. И додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана меѓу нив и им рече: „Мир вам!“ А тие збунети и уплашени мислеа дека гледаат дух. А Тој им рече: „Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомненија во вашите срца? Погледајте ги Моите раце и Моите нозе - Јас Сум Истиот! Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, а како што гледате Јас имам.“ И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: „Имате ли тука нешто за јадење?“ И Му дадоа парче печена риба и мед со саќе. Тој го зеде и јадеше пред нив. И им рече: „Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите.“ Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата, и им рече: „Така е напишано дека Христос треба да пострада и да воскресне од мртвите во третиот ден, и да биде проповедано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи - почнувајќи од Ерусалим. Вие сте сведоци на тоа; а еве, Јас ќе го испратам на вас ветувањето на Мојот Татко; а вие останете во градот, додека не се облечете во сила одозгора!“ И ги изведе до Витанија; ги подигна Своите раце и ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небо. А тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во Храмот фалејќи Го и благословувајќи Го Бога. Амин!