А во првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите, што ги приготвија. И го најдоа каменот одвален од гробот. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки. Бидејќи беа уплашени ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е тука! Воскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја; говорејќи: ‘дека Човечкиот Син треба да би-де предаден во рацете на греш-ниците и да биде распнат и да воскресне на третиот ден!’ И си ги спомнаа Неговите зборови. И кога се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на Единаесет-мината и на сите други. А тие беа: Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јакововата мајка, и други жени со нив; им го кажаа тоа на апостолите. А ним овие зборови им изгледаа како празна шега, и не им веруваа. А Петар стана и отрча до гробот се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, чудејќи се за она што се случило.
И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим, и разговараа меѓу себе за сите овие настани. И додека тие разговараа и се запра-шуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив. Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат. И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?“ И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?“ И им рече: „Што?“ А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ: како нашите свештенички глава-тари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа, А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова. А нѐ збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот, и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив. Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.“ И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?“ И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо. И кога се приближија до селото, во кое одеа, Тој се направи како да сака да оди натаму. Но, тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто вечерта е близу, а денот веќе превали!“ И влезе да остане со нив. И додека беше прилегнат со нив покрај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде. Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; но Тој стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Не гореше ли срцето во нас, кога ни зборуваше патем и ни ги толкуваше Писмата?“ И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани Единаесетмината, и тие кои беа со нив, кои зборуваа: „Господ навис-тина воскресна; му се јавил на Симона!“ А тие пак раскажаа што се случило патем и како Го препознаа при раскршувањето на лебот.
И додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана меѓу нив и им рече: „Мир вам!“ А тие збунети и уплашени мислеа дека гледаат дух. А Тој им рече: „Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомненија во вашите срца? Погледајте ги Моите раце и Моите нозе - Јас Сум Истиот! Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, а како што гледате Јас имам.“ И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: „Имате ли тука нешто за јадење?“ И Му дадоа парче печена риба и мед со саќе. Тој го зеде и јадеше пред нив.
И им рече: „Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите.“
Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата, и им рече: „Така е напишано дека Христос треба да пострада и да воскресне од мртвите во третиот ден, и да биде проповедано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи - почнувајќи од Ерусалим. Вие сте сведоци на тоа; а еве, Јас ќе го испратам на вас ветувањето на Мојот Татко; а вие останете во градот, додека не се облечете во сила одозгора!“
И ги изведе до Витанија; ги подигна Своите раце и ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небо. А тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во Храмот фалејќи Го и благословувајќи Го Бога. Амин!