Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 23:26-43

Лука 23:26-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го но­си по Исус. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за сво­и­те деца; зашто, ете, се приближуваат дено­вите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ри­диштата, ‚покријте нѐ!‘ Зашто, кога ова го прават со зе­ле­ното дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“ Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и прво­свештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“ Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет, и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“ А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.“ Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себе Самиот и нас!“ А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според на­шите дела; но Тој ништо лошо не направил.“ И Му рече на Исус: „Сети се на ме­не, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Лука 23:26-43 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него. По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“ Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“ Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“ Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘ Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“ Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“ Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Лука 23:26-43 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога Го поведоа, го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса. По Него одеше големо множество народ и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус се заврти кон нив и им рече: „Ерусалимски ќерки, не плачете за Мене; туку плачете за себеси и за своите деца! Зашто, ете, доаѓаат денови кога ќе се рече: ‘Блажени се неродилките! И утробите што не родиле и градите што не доеле!’ Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нѐ!’ За-што, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото. А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него; и зло-чинците - едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!“ Кога го делеа Неговото облекло, фрлија жрепка. Народот стоеше и гледаше. А старешините се ругаа, велејќи: „Други спаси! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји Избраник!“ Му се потсме-ваа и војниците, кои Му се приближуваа и Му даваа киселина; и велеа: „Ако си Јудејски Цар спаси се Самиот!“ А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Јудејскиот Цар.“ А еден од обесените разбојници Го хулеше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!“ А другиот во одговор го укори: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден. И, ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото од тоа што сме сториле. Но, Овој не направил никакво зло.“ И рече: „Исусе, спомни си за мене, кога ќе дојдеш во Твоето Царство!“ А Тој му рече: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот.“