Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него.
По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа.
Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца,
зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘
Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘
Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“
Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници.
Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса.
А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка.
Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“
Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет,
говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“
Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘
Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“
Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна!
Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“
Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“
Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“