Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 22:39-62

Лука 22:39-62 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици. Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“ А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли: „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“ Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше. Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв. Станувајќи од молитва, Тој се врати кај Своите ученици и ги затекна заспани, премалени од големата тага. Па им рече: „Зошто спиете!? Станете и молете се за да не потклекнете пред искушението!“ Уште додека Исус зборуваше, пристигна толпа народ, предводена од Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Јуда Му се приближи на Исус, за да Го бакне, во знак на поздрав. А Исус му рече: „Јуда! Зар со бакнеж Го предаваш Синот Човечки!?“ Кога учениците на Исус сфатија што се случува, повикаа: „Господе! Да се браниме со ножеви!“ И еден од нив замавна кон слугата на Првосвештеникот и му го отсече увото. Но Исус им рече: „Престанете!“ Потоа со допир му го исцели увото на човекот. Потоа Исус им се обрати на свештеничките поглавари, на управителите на храмот и на старешините кои заедно беа дојдени да Го фатат: „Зар требаше да дојдете по Мене со ножеви и со стапови, како да Сум разбојник!? Со вас бев секојдневно во храмот, зошто таму не Ме уапсивте? Но ова е вашиот миг и времето на мрачните сили.“ Тие Го уапсија Исуса и Го одведоа во куќата на Првосвештеникот. А Петар Го следеше оддалеку. На средината на дворот запалија оган и поседнаа наоколу. Им се придружи и Петар. Една од слугинките го забележа крај огнот, се загледа во него и рече: „И овој човек беше следбеник на Исус!“ Но Петар почна да одречува: „Жено! Јас не Го ни познавам!“ По извесно време, еден друг човек го забележа, па и тој рече: „И ти си еден од нив!“ Но Петар му одговори: „Не сум, човеку!“ Измина уште приближно еден час, кога некој пак тврдеше, велејќи: „Несомнено, и овој беше со Исус, а и Галилеец е!“ Но Петар и овојпат одговори: „Не знам што зборуваш, човеку!“ Во истиот миг, додека Петар уште зборуваше, запеа петел. Свртувајќи се, Господ Исус погледна во Петар. Тогаш Петар се сети на Господовите зборови, што порано му ги беше кажал: ,Пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одречеш дека Ме познаваш!‘ Тогаш Петар излезе оттаму и горко заплака.

Лука 22:39-62 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во ис­ку­ше­ние!“ И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па ги преклони ко­лената и се молеше, велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“ И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. Па, бидејќи се наоѓаше во внатреш­на борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога за да не паднете во искушение!“ И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе заедно со еден од Дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исус да Го целива. (Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“) А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ Оние, пак, што беа со Него, кога ви­доа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“ И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото не­гово и го исцели. А на првосвештениците и храмов­ни­те управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.“ И кога Го фатија, Го поведоа и од­ведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него. Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“ Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“ Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“ А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“ Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел. Тогаш Господ се заврти и го пог­ледна Петар, а Петар се сети на Гос­по­довите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И штом излезе надвор, заплака гор­ко.

Лука 22:39-62 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И излезе и отиде, според обичајот, на Маслиновата Гора; а учениците одеа по Него. И кога дојде на местото, им рече: „Молете се, за да не паднете во искушение.“ И Тој се оддели од нив, колку што може да се фрли камен, и клекна на колена и се молеше, велејќи: „Татко! Ако сакаш, отстрани ја оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата, туку Твојата волја!“ И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. И кога се најде во борба, се молеше уште поусрдно; а потта Му стана како капки крв, што паѓаа на земјата. И кога стана од молитвата, дојде при учениците и ги најде заспани од тага; и им рече: „Зошто спиете! Станете и молете се, за да не паднете во искушение!“ Додека уште зборуваше, ете, едно множество, пред кого одеше еден од Дванаесетмината, кој се викаше Јуда, и Му се приближи на Исуса да Го целива. Но Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Човечкиот Син!“ А кога оние, кои беа со Него, видоа што ќе стане, рекоа: „Господи, да удриме ли со меч?“ И еден од нив, го удри слугата на прво-свештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете Го тоа!“ И се допре до увото и го излечи. Тогаш Исус им рече на оние, кои се кренаа против Него - на свештеничките гла-ватари, на началниците на Храмот и на старешините: „Излеговте како на разбојник со мечеви и стапови! Кога бев, секој ден со вас во Храмот, не кренавте рака на Мене. Но, ова е ваш час и власт на темнината!“ А кога Го фатија, Го одведоа и Го воведоа во домот на прво-свештеникот. Петар одеше по Него оддалеку. Кога пак запалија оган среде дворот и седнаа наоколу, и Петар седеше меѓу нив. И кога една слугинка го виде како седи до огнот, се загледа во него и рече: „И овој беше со Него!“ Но тој одрече, велејќи: „Жено, не Го познавам!“ И малку потоа, го виде некој друг и рече: „И ти си од нив!“ А Петар рече: „Човеку, не сум!“ И кога помина околу еден час време, еден друг потврдуваше: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“ А Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И веднаш - додека уште зборуваше - петел запеа. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра; и Петар се сети на Господовите зборови, што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене!“ И Петар штом излезе надвор заплака горко.