Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 22:39-62

ЛУКА 22:39-62 MKB

И излезе и отиде, според обичајот, на Маслиновата Гора; а учениците одеа по Него. И кога дојде на местото, им рече: „Молете се, за да не паднете во искушение.“ И Тој се оддели од нив, колку што може да се фрли камен, и клекна на колена и се молеше, велејќи: „Татко! Ако сакаш, отстрани ја оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата, туку Твојата волја!“ И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. И кога се најде во борба, се молеше уште поусрдно; а потта Му стана како капки крв, што паѓаа на земјата. И кога стана од молитвата, дојде при учениците и ги најде заспани од тага; и им рече: „Зошто спиете! Станете и молете се, за да не паднете во искушение!“ Додека уште зборуваше, ете, едно множество, пред кого одеше еден од Дванаесетмината, кој се викаше Јуда, и Му се приближи на Исуса да Го целива. Но Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Човечкиот Син!“ А кога оние, кои беа со Него, видоа што ќе стане, рекоа: „Господи, да удриме ли со меч?“ И еден од нив, го удри слугата на прво-свештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете Го тоа!“ И се допре до увото и го излечи. Тогаш Исус им рече на оние, кои се кренаа против Него - на свештеничките гла-ватари, на началниците на Храмот и на старешините: „Излеговте како на разбојник со мечеви и стапови! Кога бев, секој ден со вас во Храмот, не кренавте рака на Мене. Но, ова е ваш час и власт на темнината!“ А кога Го фатија, Го одведоа и Го воведоа во домот на прво-свештеникот. Петар одеше по Него оддалеку. Кога пак запалија оган среде дворот и седнаа наоколу, и Петар седеше меѓу нив. И кога една слугинка го виде како седи до огнот, се загледа во него и рече: „И овој беше со Него!“ Но тој одрече, велејќи: „Жено, не Го познавам!“ И малку потоа, го виде некој друг и рече: „И ти си од нив!“ А Петар рече: „Човеку, не сум!“ И кога помина околу еден час време, еден друг потврдуваше: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“ А Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И веднаш - додека уште зборуваше - петел запеа. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра; и Петар се сети на Господовите зборови, што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене!“ И Петар штом излезе надвор заплака горко.