Лука 2:1-14
Лука 2:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја. Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло. Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето. Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата, Господ. Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“ Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи: „Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!“
Лука 2:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. Во тој крај имаше пастири, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“ И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
Лука 2:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија. И сите одеа за да се запишат, секој во својот град. Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидо-виот дом и семејство, да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена. А кога беа таму - ѝ дојде време да роди. И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо. И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу. Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ. И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!“ И одеднаш со ангелот се најде мно-жество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи: “Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!“