А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија. И сите одеа за да се запишат, секој во својот град. Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидо-виот дом и семејство, да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена. А кога беа таму - ѝ дојде време да роди. И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо. И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу. Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ. И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!“ И одеднаш со ангелот се најде мно-жество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи: “Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!“