Лука 16:19-31
Лука 16:19-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
„Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно. А имаше и еден сиромашен човек, по име Лазар, целиот во рани, кој просеше пред портите на богатиот, копнеејќи да се прехрани од она што се фрлаше од трпезата на богатиот, таму, каде што и пците доаѓаа да му ги лижат раните. Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам. Почина и богатиот и беше погребан. Тој заврши во адот, во страшни маки, од каде што во далечините го забележа Авраама, а до него и Лазара, па извика: ,Татко Аврааме! Имај милост спрема мене и испрати ми го Лазар со намокрен прст да ми го разлади јазикот, зашто страшно се измачувам во овој оган!‘ А Авраам му рече: ,Сети се, синко, дека во твојот живот ти ги имаше сите добри работи, а Лазар сите лоши. Сега, тој ужива овде, а ти се мачиш. Освен тоа, меѓу нас и вас има длабока бездна преку која никој не може да помине ни одовде таму, ни оттаму ваму.‘ А бившиот богатник рече: ,Тогаш, те молам, татко Аврааме, испрати го Лазар во домот на татко ми, каде што имам петмина браќа; нека ги предупреди сериозно, за да не втасаат и тие на ова страшно место на измачување!‘ А Авраам му одговори: ,Тие ги имаат светите писма на Мојсеј и на пророците за да ги предупредуваат; нив нека ги почитуваат.‘ Но тој пак продолжи: ,Не, татко Аврааме, тоа нема да ги обрати; само ако им дојде некој од мртвите, тие ќе се обратат!‘ Во заклучок, Авраам му одговори: ,Ако не ги слушаат учењата на Мојсеј и на пророците нема да поверуваат дури ни ако некој воскресне од мртвите!‘“
Лука 16:19-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„Си беше еден богат човек кој се облекуваше во порфир и во свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. А еден сиромав, по име Лазар, лежеше пред вратата негова сиот покриен со красти, кој сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во пазувите Авраамови; умре и богатиот и го погребаа. И во пеколот, додека беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраам и Лазар во неговите пазуви. Тогаш тој извика и рече: ‚Оче Аврааме, смилувај ми се и прати го Лазар да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, зашто многу страдам во овој пламен!‘ Но Авраам рече: ‚Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти се мачиш. Освен тоа, меѓу вас и нас има голема провалија така што оние кои би сакале да дојдат кај вас, не можат; а исто така и оние оттаму – кај нас.‘ А тој пак рече: ‚Тогаш, те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘ Авраам му рече: ‚Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат!‘ А тој рече: ‚Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите оди кај нив, тогаш ќе се покаат.‘ Авраам му рече: ‚Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.‘“
Лука 16:19-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
“А беше еден богат човек, кој се облекуваше во црвено сукно и во ленено платно и се веселеше сјајно секој ден. А еден сиромав, по име Лазар, целиот со чирови, лежеше пред неговата врата и сакаше да се насити со она, што паѓаше од столот на богатиот. И кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните. И сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовото крило; умре и богатиот и го погребаа. А во пеколот, во маката, ги поткрена своите очи и го виде оддалеку Авраама и Лазара во неговото крило, и извика: ‘Татко, Аврааме, смили ми се и испрати го Лазара да го накваси врвот на својот прст во вода, за да ми го разлади јазикот, зашто се измачувам многу во овој пламен!’ Авраам му рече: ‘Синко, сети се дека ти ги прими своите блага додека беше жив, а Лазар - злото! Сега тој се утешува тука, а ти се измачуваш. Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, така што ни оние кои би сакале да преминат оттука при вас - не можат; ниту пак да преминат оттаму при нас.’ А тој рече: ‘Тогаш, те молам, татко, испрати го во куќата на татка ми; зашто имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маки!’ А Авраам рече: ‘Ги имаат Мојсеја и Пророците, нека ги слушаат нив!’ Тој пак рече: ‘Не, татко, Аврааме! Но ако некој од мртвите отиде при нив, ќе се покајат.’ Му рече: ‘Ако не ги слушаат Мојсеја и Пророците, нема да ги придобие ни оној, кој воскреснал од мртвите.’“