Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 14:1-14

Лука 14:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око. Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете, а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“ Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав. Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“ Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат. Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет: „Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе, па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место. Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни. Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“ Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа. Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи. Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“

Лука 14:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еднаш во сабота влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие Го надгледуваа. Одеднаш застана пред Него еден човек болен од водена болест. Исус ги запраша закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“ А тие молчеа. Тогаш Исус го допре, го излекува и го пушти. Потоа им рече: „Кој од вас ако му падне в бунар вол или син, нема да го извади веднаш, иако е сабота?“ Не можеа ништо да Му одговорат на тоа. А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа па­рабола и рече: „Ако те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе, тогаш би можел да дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚От­стапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место. Но, кога ќе бидеш поканет, оди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред сите оние што седат заедно со тебе на трпезата. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“ А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту бра­ќата свои, ни роднините свои, ниту бо­гатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите. И ќе бидеш блажен, зашто тие не­ма­ат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“

Лука 14:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога еднаш во саботен ден влезе во куќата на некој фарисејски старешина, за да јаде леб, тие Го набљудуваа Него. И ете, пред Него беше еден човек, кој страдаше од водена болест. И Исус проговори и им рече на закониците и фарисеите: „Дозво-лено ли е да се лекува во сабота или не?“ А тие молчеа. И го допре, го излечи и го отпушти. А ним им рече: „Кој од вас, кога ќе му падне синот или волот во кладенец, не ќе го извади веднаш во сабота?“ И не можеа ништо да Му одговорат на тоа. А на гостите им кажа парабола, кога забележа како ги избраа првите места и им рече: “Кога ќе те повика некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не повика случајно некој, кој е поугледен од тебе, и за да не ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал тебе, и него: ‘Отстапи му го местото на овој!’ И тогаш ќе треба засрамен да го заземеш последното место. Но, кога ќе те повикаат, оди и седни на последното место, за да ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал: ‘Пријателе, премести се погоре!’ Тогаш ќе имаш чест пред сите, кои се со тебе покрај трпезата. Зашто, секој кој се возви-шува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде возвишен.“ Му рече и на оној, кој Го повика: „Кога даваш ручек или вечера, не повикувај ги своите пријатели, ни твоите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те повикаат и тие и да ти биде вратено. Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите! И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде вратено при воскресението на праведниците.“