Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 12:1-14

Лука 12:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога се насобра многуброен народ, така што луѓето едни на други си ги газеа стапалата, Исус најпрво им се обрати на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец, односно, од нивното лицемерство! Сe што е прикриено, ќе биде откриено и секоја тајна ќе биде јавно изнесена. Сe што сте кажале во темнина, ќе излезе на виделина, и тоа што сте го шепотеле во собите, ќе се разгласува од покривите!“ „Ви велам, пријатели мои: не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а потоа не можат ништо повеќе! Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите! Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог! А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ „Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели! Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели. На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува Светиот Дух - нема да му биде простено! Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате, зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“ Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“ А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“

Лука 12:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Меѓутоа, кога се насобраа ил­јадници луѓе – така што се газеа еден со друг, Тој почна да им зборува најнапред на Своите ученици: „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицеме­рие. Нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту пак тајно што не ќе се дознае. Затоа, што сте рекле во темнина, ќе се слушне на виделина; и што сте ше­по­теле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите. А вам, на Моите пријатели, ви ве­лам: не плашете се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат. Ќе ви покажам од кого да се пла­шите: плашете се од Оној Кој, откако убие, има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него плашете се! Зар не се продаваат пет врапчиња за две парички? И ниедно од нив Бог не го заборава. А вам, и влакната на главата ви се изброени. Па затоа, не плашете се: од многу врапчиња вие сте поскапи. Ви велам: секој што Ме признава Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели. А кој ќе се одрече од Мене пред лу­ѓето, тој ќе биде одречен пред Божјите ангели. На секој што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој ќе похули на Светиот Дух, нема да му се прости. А кога ќе ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не гри­жете се како ќе одговорите, или што ќе кажете; зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете.“ Некој од народот Му рече: „Учи­те­ле, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“ А Тој му рече: „Човеку, кој Ме пос­тави да ви судам или да ве делам?“

Лука 12:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие! Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае! Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат! Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него! Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е забо-равено пред Бога. А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња. И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели; а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели. На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости. И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете, зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете! Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!“ А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?“