Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 12:1-14

ЛУКА 12:1-14 MKB

Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие! Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае! Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат! Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него! Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е забо-равено пред Бога. А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња. И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели; а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели. На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости. И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете, зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете! Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!“ А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?“