Левитска 5:1-13
Левитска 5:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„А кога некој згреши со тоа што слушнал клетва и така станал сведок, или видел или знаел, па не кажал, тој го носи својот грев. Или, ако некој се допре до нешто нечисто, или до труп на нечисто диво животно, или до труп на нечист добиток, или до умрена нечиста влечуга, без да знае за тоа, тој е нечист и виновен; или ако се допре до некоја нечистотија човечка, која било нечистотија негова, со која се осквернува, и не знаел за тоа, но потоа дознае – виновен е. А ако некој неразумно се заколне со устата своја дека ќе направи нешто лошо, или добро, а за која и да било работа, како што го прават тоа луѓето без размислување, а не е свесен за тоа, но потоа кога дознае, виновен ќе биде. Кога, пак, некој е виновен за некоја од овие работи и ќе го признае гревот свој, нека Му принесе на Господ за гревот, што го направил – женско од ситниот добиток: овца или коза од стадото свое за гревот; и свештеникот ќе го ослободи од гревот негов. Ако не може да принесе овца, тогаш нека Му принесе на Господ за гревот свој: две грлици или две гулапчиња – едно како жртва за грев, а другото како жртва сепаленица. Нека му ги донесе на свештеникот, а тој нека го претстави прво она што е за грев, и нека му го прекрши вратот, но главата да не ја откинува. И со крвта од жртвата за грев нека го попрска ѕидот на жртвеникот; а крвта што ќе остане, нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот, бидејќи е тоа жртва за грев. А од другото нека направи жртва сепаленица, како што треба; и така свештеникот ќе го ослободи од гревот негов, што го направил, и ќе му биде простено. А ако не може да принесе ни две грлици или гулапчиња поради тоа што згрешил, тогаш нека принесе една десетина ефа пченично брашно како жртва за грев, и нека не додава кон неа масло, ниту да става темјан, зашто жртвата е за грев. И кога ќе го донесе кај свештеникот, свештеникот нека земе полн грст од него за спомен, и нека го изгори на жртвеникот како жртва на Господ, бидејќи е жртва за грев. И така ќе го ослободи свештеникот од гревот негов, со кој згрешил во нешто од ова, и ќе му биде простено; а остатокот ќе биде за свештеникот како принос од пченично брашно.“
Левитска 5:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
‘Ако згреши некој така, што чул зборови на колнење и бил сведок, или видел или знаел, па не соопштил, тој ќе ја носи вината врз себе; или ако некој се допре до што и да било нечисто, мрша на нечист ѕвер, мрша на нечисто животинче или мрша на нечист влекач - и од незнаење стане нечист и виновен; или ако некој се допре до човечка нечистота, или до што и да е од што се станува нечист, и не е свесен за тоа, кога ќе дознае, бидува одговорен. Натаму, ако некој непромислено изусти заклетва на добро или зло - на што веќе човекот се заколнува непромислено - и не е свесен за тоа, тогаш, кога ќе дознае, станува виновен; и така ако некој стане виновен во што и да е од тоа, нека се исповеда за вината и нека Му принесе на Господа за својот грев, што го сторил, жртва за престап: едно женско од ситниот добиток, јагне или јаре, за грев, и свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев.’ ‘Ако не е во состојба да принесе овца, како надомест за направениот грев, нека Му принесе на Господа две грлици или две гулапчиња; едното како жртва за грев, а другото како паленица. Нека ги донесе при свештеникот, а тој нека го принесе најнапред она што е одредено за жртва за грев. Откако ќе го притисне за вратот, нека му ја скрши шијата, но нека не ја откине главата. Со крвта на жртвата за грев нека го попрска жртвеникот од страна, а другата крв нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот: тоа е жртва за грев. А другото нека го принесе како паленица, според прописот; и така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, со кој згрешил, и ќе му биде простено.’ ‘Ако неговите средства не му дозволуваат да набави две грлици или две гулапчиња, нека Му принесе на Господа, за тоа што згрешил, една десетина ефа чисто пченично брашно. Нека не турува масло на него ниту да става темјан на него, зашто е жртва за грев. Кога ќе му го донесе тоа на свештеникот; свештеникот нека земе полн грст како спомен-жртва, и нека го изгори на жртвеникот како принос на Господа, над палениците: тоа е жртва за грев. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го направил во кој и да е од тие случаи, и ќе му биде простено; остатокот му припаѓа на свештеникот, како и од лебниот принос.’“