Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 5

5
Дела за кои е потребна жртва за престап
1‘Ако згреши некој така, што чул зборови на колнење и бил сведок, или видел или знаел, па не соопштил, тој ќе ја носи вината врз себе; 2или ако некој се допре до што и да било нечисто, мрша на нечист ѕвер, мрша на нечисто животинче или мрша на нечист влекач - и од незнаење стане нечист и виновен; 3или ако некој се допре до човечка нечистота, или до што и да е од што се станува нечист, и не е свесен за тоа, кога ќе дознае, бидува одговорен. 4Натаму, ако некој непромислено изусти заклетва на добро или зло - на што веќе човекот се заколнува непромислено - и не е свесен за тоа, тогаш, кога ќе дознае, станува виновен; 5и така ако некој стане виновен во што и да е од тоа, нека се исповеда за вината 6и нека Му принесе на Господа за својот грев, што го сторил, жртва за престап: едно женско од ситниот добиток, јагне или јаре, за грев, и свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев.’
Жртви за престап на беден
7‘Ако не е во состојба да принесе овца, како надомест за направениот грев, нека Му принесе на Господа две грлици или две гулапчиња; едното како жртва за грев, а другото како паленица. 8Нека ги донесе при свештеникот, а тој нека го принесе најнапред она што е одредено за жртва за грев. Откако ќе го притисне за вратот, нека му ја скрши шијата, но нека не ја откине главата. 9Со крвта на жртвата за грев нека го попрска жртвеникот од страна, а другата крв нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот: тоа е жртва за грев. 10А другото нека го принесе како паленица, според прописот; и така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, со кој згрешил, и ќе му биде простено.’
11‘Ако неговите средства не му дозволуваат да набави две грлици или две гулапчиња, нека Му принесе на Господа, за тоа што згрешил, една десетина ефа чисто пченично брашно. Нека не турува масло на него ниту да става темјан на него, зашто е жртва за грев. 12Кога ќе му го донесе тоа на свештеникот; свештеникот нека земе полн грст како спомен-жртва, и нека го изгори на жртвеникот како принос на Господа, над палениците: тоа е жртва за грев. 13И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го направил во кој и да е од тие случаи, и ќе му биде простено; остатокот му припаѓа на свештеникот, како и од лебниот принос.’“
Закон за жртва за престап
14И уште му рече Господ на Мојсеја: 15„Ако некој направи престап, огрешувајќи се на несакање во однос на Господовите свети работи, нека Му принесе на Господа, од своето стадо овци - овен без недостаток, што чини, според твојата процена, најмалку два сикла сребро, според цената на храмскиот сикал, како жртва за престап. 16Нека надомести колку што згрешил во однос на светите работи и нека додаде уште петина кон тоа, и нека му го даде на свештеникот сѐ тоа; и свештеникот ќе направи да му биде покриен гревот со овенот на жртвата за престап, и ќе му биде простено.“
17„Ако некој и не знаејќи згреши и стори нешто што Господ забранил, виновен е, и нека ги носи последиците од својата кривица. 18Нека му донесе на свештеникот, како жртва за престап, од своето стадо: овен без порок, според твоја процена; и свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот прекршок, што го направил во незнаење, и ќе му биде простено. 19Тоа е жртва за престап, со кој згрешил пред Господа.“

Селектирано:

ЛЕВИТ 5: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се